Академија ПАНДЕВ е победник во Купот на Македонија

Објавено на 22 Мај, 2019 во Куп на Македонија, Вести

Првата титула во својата историја, Академија Пандев ја освои по подобро изведување пенали против Македонија Ѓ.П.

Академија ПАНДЕВ е победник на 27. издание од Купот на Македонија. На Националната арена „Филип Втори“, струмичани славеа со вкупни 6:4 против Македонија Ѓ.П. по подобро изведување пенали, откако регуларните 90. минути и продолженијата од два пати по 15. минути завршија без победник, 2:2. Академија Пандев прв пат во својата историја го освојува Купот на Македонија.

Робсон Да Силва во првата и Тантуровски во четвртата серија не беа прецизни при изведувањето на пеналите, составот на Академија Пандев не промаши од 11. метри, Стоилов, Дориев, Илиев и Велинов дадоа голови во пенал серијата и се радуваа на големиот трофеј од Купот на Македонија.

Во регуларните 90. минути беше израмнето, 2:2, а истиот резултат стоеше на семафорот и по 120. минути игра.

Капитенот на струмичани, Сашко Пандев го отвори резултатот со прекрасен погодок во 10. минута. Пандев од 25. метри неодбранливо шутираше во горниот десен агол од голот на Македонија Ѓ.П., а голманот Јовановски беше немоќен.

Во 21. минута израмнување на Националната арена. Бразилецот Да Силва шутираше прецизно од слободен удар и му донесе израмнување на својот тим. Во 40. минута, одново Да Силва опасно биеше од слободен удар, но овој пат внимателен беше голманот Чубраковиќ и не дозволи втор гол во неговата мрежа. Пред крајот на полувремето Љупчо Дориев се избори за шанса, шутираше добро, но топката мина крај стативата на Македонија Ѓ.П.

Во второто полувреме првата шанса ја имаше Академија Пандев преку Дориев во 55. минута, но неговиот удар заврши над голот на Јовановски. Голманот на Македонија Ѓ.П. се истакна и во следната прилика за противникот кога Стоилов не успеа да го совлада.

Во 78. минута одлична шанса не искористи Македонија ЃП. , Робсон додаде до Кировски кој што беше сам, но Чубраковиќ одлично интервенира и избива во корнер.

Во 84. минута 2:1 за Македонија Ѓ.П. Тантуровски со глава од десетина метри ја смести топката во мрежа по центаршутот на Пецов. Радоста за Македонија Ѓ.П. траеше само две минути. Љупчо Дориев беше прецизен од пенал во 86. минута за израмнување на 2:2.

Во продолженијата од два пати по 15. минути, првата прилика ја пропуштија фудбалерите на Академија Пандев, преку Велинов. Имаше многу среќа голманот на Македонија Ѓ.П. во шансата за Велинов.

Во првата минута од второто продолжение, Боби Божиновски имаше прекрасна шанса, упати удар со глава, но одлична одбрана на Чубраковиќ. Македонија Ѓ.П. се обиде и со удар од далечина на Робсон Да Силва во 112. минута, но повторно непрецизно.

Последната прилика за погодок во 119. минута ја пропушти Дориев откако Стојков нафрли во шеснаесетникот на Македонија Ѓ.П.

КУП на МАКЕДОНИЈА - ФИНАЛЕ, Национална Арена „ТОДОР ПРОЕСКИ“, Скопје

МАКЕДОНИЈА Ѓ.П. - АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 4:6 (п) (2:2) (1:1)

(0:1 Сашко Пандев 10` - 1:1 Да Силва 21` - 2:1 Дејан Тантуровски 84` - 2:2 Љупчо Дориев 86`)

Судии: Марјан Ецкоски (Охрид), Ѓорги Карајанов (Гевгелија), Илчо Јорданоски (Прилеп), Зоранчо Темелков (Кавадарци), Петар Мантев (Неготино), Никола Божиновски (Скопје);

МАКЕДОНИЈА Ѓ.П.: 12. Марко Јовановски, 2. Жуниор Изалдо (16. Филип Стојановски 110`), 7. Боби Божиновски, 10. Да Силва Робсон, 11. Христијан Кировски (14. Бенјамин Демир 101`), 13. Христијан Пецов, 17. Кристијан Филиповски (23. Пауло Карваљо 72`), 18. Андре Гама, 21. Сабит Билали, 24. Дејан Тантуровски; Тренер: Александар Таневски;

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ: 1. Душан Чубраковиќ, 3. Давид Атанаскоски, 4. Диме Димов, 5. Томислав Илиев, 6. Стефан Костов, 8. Ѓорги Стоилов, 10. Даниел Миловеновиќ (77. Ацо Стојков 89`), 14. Љупчо Дориев, 19. Сашко Пандев (Марио Крстовски 79`), 23. Кристијан Стојкоски (7. Кристијан Иванов 69`), 99. Стојанчо Велинов; Тренер: Југослав Тренчовски; 




   
   
Актуелности

14.10.2019    Вести

Македонската репрезентација до 21 година го одржа последниот тренинг во пресрет на дуелот со Казахстан

Ристовски и Руфати: Не се сомневаме дека тимот повторно ќе го даде најдоброто од себе за нова победа во квалификациите....

Календар
А репрезентација