Објавено на 10 Септември, 2024 во Вести, Вести
Македонската А репрезентација оствари важна победа против Ерменија во натпреварот од второто коло во групата од Лига на нации. Нашата селекција славеше со 2:0 на Националната арена „Тодор Проески“. Македонија со фудбалер помалку постигна два гола во второто полувреме преку Барди и Миовски.
Избраниците на Благоја Милевски не ги искористија своите шанси во првите 45 минути и покрај тоа што беа далеку подобар тим на теренот. Најзрелата прилика ја имаше Елиф Елмас по додавање од Енис Барди.
Од овој период, за жал за издвојување беше и брзата повреда на Дарко Чурлинов кој излезе уште во 2. минута, но и црвениот картон на Ѓоко Зајков поради приговор пред крајот на полувремето.
Стоперот доби втор жолт картон и беше испратен во соблекувална, а оваа престрога одлука на Харм Осмерс само дополнително ги мотивираше нашите фудбалери, кои одиграа херојско второ полувреме.
Со 10 играчи на теренот, македонскиот тим изгледаше како единствен кој ги сака трите бода на овој натпревар, а главната разлика ја направи Енис Барди кој режираше ремек-дело од слободен удар во 70-та минута.
Мајсторијата на капитенот им даде дополнителен полет на нашите фудбалери и во продолжение се осоколија уште неколку фудбалери, со тоа што Бојан Миовски се снајде најдобро по една соло акција во која погоди за 2:0 и победа на Македонија.
Македонија на овој начин ја забележа првата победа во второто коло во Лигата на нации, па веќе е прва на табелата со четири освоени бода.