Објавено на 22 Октомври, 2022 во Вести, Вести
Репрезентацијата на Македонија загуби минимално со 1:0 од селекцијата на Саудиска Арабија на контролниот дуел одигран во Абу Даби.
Во првото полувреме видовме тактичка борба, главно на средината на теренот, без посериозни закани по двата гола.
Во 17. минута од мечот добра прилика за Саудиска Арабија. По одлично изведениот корнер, Алабед биеше со глава, голманот Наумовски одлично интервенираше.
Македонија во првите 45. минути се закани по голот на противникот преку Хасани и Дориев.
Во второто полувреме, Македонија прва се закани по голот на Саудиска Арабија. Велковски испрати одлична долга топка кон Дориев, кој успеа да го пронајде Максимов на втората статива, меѓутоа ударот на фудбалерот на Работнички беше изблокиран од противнички играч.
Во 53. минута, Абдулрахман Алхамдан биеше одлично од 20. метри, нова добра интервенција на Наумоски.
Во 67. минута Егзон Бејтулаи испрати одлична топка кон Дориев, голманот на Саудиска Арабија интервенираше пред да испрати удар нашиот фудбалер, со што спречи чиста шанса за Македонија.
Во 85. минута, репрезентацијата на Саудиска Арабија поведе со 1:0. Стрелец на погодокот беше Калид Салех Калид Алшехри.
Селекцијата на Македонија беше оштетена за два пенали во една иста акција. Стојановски во првиот обид беше непрописно блокиран и влечен од противникот, а во продолжението од акцијата играч на Саудиска Арабија со рака од гол линја ја врати топката, по ударот на Трапановски.
МАКЕДОНИЈА: Наумовски; Тошевски, Бејтулаи, Велковски, Брдаровски; Адем, Димовски; Хасани, Максимов, Дориев; Ибраими;
Резерви: Алексовски, Захов, Младеновски, Николов, Трапановски, Илиевски, Стојановски, Шабани, Мерџани;
Селектор: Благоја Милевски;
САУДИСКА АРАБИЈА: Алвоаис; Кано, Алмувалад, Ал Абед, Бамасуд, Алтамбакти, Алхамадан, Албурајк, Отајф, Алобуд, Радиф;