Објавено на 09 Октомври, 2024 во Вести, Вести
Македонската фудбалска репрезентација утре ги продолжува своите настапи во Лигата на нации со дуелот против Летонија во Рига. Нашиот национален тим влегува како фаворит во овој меч и тоа го потенцира селекторот Благоја Милевски на денешната прес-конференција.
БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ - селектор на македонската А репрезентација:
„Летонија има максимален респект од нас, но концентрацијата е на нашата игра и тоа како ќе изгледаме на терен. Потенцирам дека Македонија ќе се прашува за првото место во групата.
Ќе ни недостасуваат Зајков и Серафимов, кои имаат картони, но и Чурлинов и Трајковски, кои се повредени. Сепак, сите кои се во комбинација за настап ќе одговорат на предизвикот и на тоа што се очекува од нив.
Размислувам за повеќе опции за стартниот тим, верувам дека сите останати ќе бидат здрави и ќе се стават во функција на тимот. Пред почетокот на натпреварот ќе одлучам со кои играчи ќе настапиме“.
„Македонија која јас ја замислувам секогаш ќе се стреми да игра на победа. Овие момци ја добиваат и ја заслужуваат целата почит. Без разлика дали играат во своите клубови или не, го даваат својот максумум кога играат за Македонија.
Притисокот ни дава мотив да се натпреваруваме сами со себе и да видиме до каде се нашите лимити. Кога веќе некој очекува нешто големо од вас, тоа значи дека вредите. Денес ако немате правилен пристап, нема да победите и послаби противници дури и да играте максимално“.
Капитенот на македонската репрезентација Енис Барди го дели оптимизмот на селекторот Благоја Милевски во пресрет на утрешниот меч против Летонија во третото коло од Лигата на нации.
Барди беше дел од претходниот дуел на Македонија против Летонија во септември 2019 година во квалификациите за Европското првенство. Нашиот капитен постигна гол во победата од 2:0 во Рига.
ЕНИС БАРДИ - капитен на македонската А репрезентација:
„Како и секогаш, одговорноста е кај сите нас. Јас ќе го дадам својот максимум, па дај Боже да биде како пред пет години. Помина грипот, добро се чувствувам и максимално сум подготвен за настап.
Кога играте под притисок за докажување, секогаш вадите од себе максимален квалитет. Притисокот треба секогаш да го чувствуваме и треба да најдеме начин да го дадеме најдоброто од себе“.
КОНКУРСОТ ЗА УЧЕСТВО НА УЕФА Ц курсот е ЗАТВОРЕН заклучно со 26.10.2024...