Објавено на 13 Ноември, 2015 во Вести, Вести
Селекторот на репрезентацијата Игор Ангеловски го ослободи од обврските Агим Ибраими за натпреварот со Либан. Неговиот клуб Марибор достави официјално барање за ослободување на Ибраими кој го очекува важен натпревар против Олимпија во рамки на словенечкото првенство.
Столе Димитриевски кој синоќа дебитираше на голот на македонската репрезентација не го крие задоволството од настапот и изданието на тимот.
-Одлично, мора да бидеме задоволни од резултатот и играта која ја прикажавме. Имавме голема желба и мотив да покажеме дека квалитет не недостасува и тоа секако не радува. Задоволен сум и од мојот настап, благодарност до сите во стручниот штаб за укажаната доверба, моја основна задача и понатаму ќе биде да работам и да се наметнувам со квалитет, селекторот одлучува за се друго. Се надевам дека и против Либан ќе одиграме на високо ниво и ќе забележиме победа, изјави голманот на шпанска Гренада.
Остоја Стјепановиќ се врати во првиот тим на македонската репрезентација, фудбалерот од средниот ред, не го крие задоволството од начинот на кој се стигна до триумфот на пресметката со Црна Гора.
-Одигравме според договоротото и драго ми е што потврдивме дека поседуваме квалитет. Покажавме дека како тим можеме многу повеќе од резултатите во изминатите неколку години. Сега се чувствува и едно огромно заедништво меѓу играчите. Сето тоа се пренесува на терен. Верувам дека на ист начин ќе одиграме сега и против репрезентацијата на Либан, истакна Стјепановиќ.
Натпреварот Македонија – Либан се игра во вторник во 13.00 часот на Националната арена „Филип Втори“.