Македонија против Словенија, завршен дуел на домашен терен во Лигата на нации

Најдобрата македонска репрезентација вечерва го игра последниот натпревар од групната фаза во УЕФА Лигата на нации. На Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, избраниците на селекторот Гоце Седлоски ќе ја пречекаат селекцијата на Словенија. Почетокот на натпреварот е закажан за 20:45 часот.

По гостувањето во Шкотска, македонската репрезентација се враќа пред домашната публика со желба за позитивен резултат и достојно затворање на настапот во групата. Словенија е добро познат противник, а меѓусебните дуели низ годините носат интересна фудбалска приказна.

Македонија и Словенија досега одиграле осум меѓусебни натпревари, а билансот е на страната на нашата репрезентација. Имаме четири победи, два нерешени резултати и два порази, со вкупна гол-разлика 13:9.

Историјата на меѓусебните пресметки започна на 13 октомври 1993 година во Крањ, кога Македонија го одигра својот прв натпревар против Словенија и забележа убедлива победа од 4:1. Тоа беше едно од првите поглавја во историјата на македонската репрезентација, а триумфот на гостински терен остави силен впечаток. Само пет месеци подоцна, на 23 март 1994 година, двете селекции повторно се сретнаа, овојпат во Скопје. Македонија славеше со 2:0 и ја потврди добрата традиција против словенечката репрезентација.

Следниот меѓусебен дуел беше одигран дури по 18 години. На 14 ноември 2012 година, Македонија на домашен терен победи со 3:2 во возбудлив пријателски натпревар. Единствениот пораз во пријателските средби до тој момент го претрпевме на 23 март 2016 година во Копер, кога Словенија славеше минимално со 1:0.

Посебно интересни беа двата натпревари во квалификациите за Европското првенство 2020. На првата средба, одиграна на 24 март 2019 година во Љубљана, Македонија освои бод со ремито 1:1. Езџан Алиоски ја затресе мрежата на Словенците и донесе значаен резултат на гостински терен.

Во реваншот, на 10 октомври 2019 година во Скопје, нашата селекција славеше со 2:1. Херој на натпреварот беше Елиф Елмас, кој ги постигна двата гола за Македонија, носејќи голема радост на домашната публика и уште една важна победа во квалификацискиот циклус.

Последниот пријателски натпревар меѓу двете селекции беше одигран на 1 јуни 2021 година во Скопје и заврши без победник, 1:1.

Последниот натпревар беше на 29 септември 2026 година во Љубљана, во рамките на Лигата на нации. Словенија славеше со 2:0, па вечерашниот дуел во Скопје е можност македонската репрезентација да возврати и да ја продолжи позитивната традиција во меѓусебните пресметки.

Македонија – Словенија
16 ноември 2026 | 20:45 часот
Национална арена „Тодор Проески“, Скопје