Седлоски и Гаштаров: Веруваме во себе, одиме по позитивен резултат

Македонската репрезентација во Глазгов ја очекува дуелот со Шкотска во рамки на Лигата на нациите. Предводникот на нашиот национален тим, Гоце Седлоски, ја најави средбата против селекцијата која славеше на првиот меѓусебен дуел во Скопје со 2:0. Во пресрет на вториот натпревар во групата од Лигата Б, селекторот посакува подобро издание на Македонија и прекин на негативната резултатска серија во ова натпреварување.

„Следниот меч е голем меч, со една силна Шкотска. Знаеме со какви играчи располага. Игравме пред еден месец со овој ривал во Скопје и успеа да не победи. Свесни сме за грешките и мора да ги поправиме. Во изминатите три дена трениравме, имаме одлична атмосфера. Играчите се фокусирани и мотивирани. Се надевам дека она што го работевме ќе го покажат и на теренот. Сакам да видам верба, тактички добро да стоиме и да одиграме добар натпревар. Резултатите се такви какви што се, свесни сме и ние и играчите, но се надевам дека со мечот против Шкотска ќе излеземе од негативната серија. Против себе ќе имаме силен ривал, кој го доби Мектоминеј како повратник. Мора да играме храбро, играчите да уживаат и да не се плашиме. Драго ми е што сите репрезентативци добиваат минутажа во клубовите и се надевам дека ќе продолжат и понатаму така“, изјави Седлоски.

Матеј Гаштаров е еден од младите фудбалери во македонската репрезентација во овој циклус од Лигата на нациите. Фудбалерот на Црвена Звезда се надева дека ќе стигнеме до позитивен резултат против Шкотска на „Хампден парк“.

„Кога го носиме дресот на Македонија, мислам дека не треба да бараме посебна мотивација, затоа што самото тоа што сме во А-репрезентацијата ја носи мотивацијата. Играме против голема Шкотска, која има квалитетни играчи, но и ние имаме свои имиња кои се во многу добра форма. Ќе излеземе на теренот да дадеме се од себе и да уживаме.

За мене, во дваесет дена ми се смени целиот живот и ова е нешто ново. Гледам кога ќе излезам на теренот да уживам. Играв против многу големи играчи и големи репрезентации, немам притисок и гледам да уживам во моментот“, изјави Гаштаров.

Натпреварот меѓу Шкотска и Македонија на „Хампден парк“ во Глазгов се игра во петок, со почеток во 20:45 часот по македонско време.