Репрезентација на Македонија до 15 години (генерација 2011) во периодот од 22. октомври до 1. ноември беше дел од Светското првенство во натпреварувањето 7+1, а домаќин беше азербејџанската престолнина Баку. Настапот на националниот тим го оцени селекторот Горан Станковски.
“Среќен сум што сме првата репрезентација која е дел од Светско првенство на кое имавме забележителен настап и јас сум задоволен од постигнатото. На десет натпревари имаме шест победи, еден нерешен резултат и три порази. За жал немавме многу среќа со жрепката бидејќи се соочивме со исклучително тешки противници, кои се пред се физички надмоќни, но од друга страна уште на првиот натпревар дека можеме да им се спротивставиме и на вакви екипи пред се на најквалитетниот во нашата група, селекцијата на Панама која ја совладавме со 4:1. За жал по тој натпревар имавме проблеми со повреди на играчите и до крајот на првата фаза постојано ни недостасуваа три до четири фудбалери. Токму поради тоа тешко е да се издржи во серија мечеви во кои се игра со силен интензитет да го одржите нивото. Многу сум благодарен на играчите кои го понесоа главниот товар, кои практично беа принудени да играат многу повеќе бидејќи немавме можност за ротација во екипата, но и тоа не беше причина да не играме добро во дуелите со навистина силни противници”, истана Станковски.

Колку натпреварите во овој формат им помогнаа на фудбалерите да стекнат дополнително искуство во настапи на меѓународна сцена?
“Настапот на овој турнир има големо значење во стекнување на неопходно меѓународно искуство на сите фудбалери. Примарно, добро е што имаа можност да видат дека можеме да бидеме рамноправни со сите противници бидејќи пред заминувањето за Азербејџан кај нив беше видлива доза на страв околу тоа што ги очекува на овој шампионат. Од натпревар во натпревар тие станаа свесни дека имаат квалитет да играат со сите екипи, да бидат рамноправни па и подобри и ова за нив е огромно искуство на почетокот од кариерата”, продолжи селекторот.

До крајот на годината националниот тим продолжува со работа и во следниов период го очекуваат напорни тренинзи и проверка на моменталната форма.
“По враќањето од Азербејџан продолжуваме со нашите активности. Ќе тренираме во Скопје, планираме нови контролни натпревари. Првите дуели во продолжението се мечевите со Црна Гора, на пролет не очекува настап на развоен турнир на УЕФА, а се ќе заврши со учеството на квалификациите за Европското првенство”, рече Станковски.
Во текот на изминатиов период одиграни се голем број на натпревари, одржани многу тренинзи и според сето она што е прикажано се чини дека Македонија нема потреба да се грижи за фудбалската иднина.
“Во оваа генерација има многу талентирани фудбалери и од натпревар во натпревар се забележува нивниот напредок. Со овој концепт на работа евидентно е дека има подобрување и сигурен сум дека овие играчи во иднина ќе ги видиме и во А репрезентацијата на Македонија”, заврши предводникот на националниот тим.





