По поразот од Струга Трим Лум во рамките на 10-тото коло, екипата на Шкендија Арачиново се подготвува за гостувањето кај Силекс во Кратово.
Арачиновци го архивираа неуспехот во Скопје и со голем оптимизам отпатуваа за Кратово, каде ќе се соочат со домаќинот кој по пауза од шест кола конечно им се врати на победите, славејќи со убедливи 3-0 против Башкими во Куманово. Членот на Шкендија Арачиново, Миле Тодоров, изрази голем респект кон противникот, но и цврста вера во сопствениот тим.
“Нè очекува тежок натпревар против квалитетен противник, но верувам во нашиот тим и во она што го работиме секојдневно. Свесни сме дека Силекс е екипа што мора да се респектира, но ние ќе влеземе во натпреварот максимално мотивирани, со желба да ги исполниме нашите задачи и да стигнеме до позитивен резултат,” — истакна Тодоров.
Во нивната единствена меѓусебна пресметка досега во фудбалската елита на Македонија, дуелот заврши без победник (1-1).
Пресметката меѓу Силекс и Шкендија Арачиново се игра на градскиот стадион во Кратово со почеток од 14:00 часот, а главен судија на овој натпревар ќе биде Доне Ристовски.





