Шкендија го совлада Скопје и се врати на врвот на табелата

Шкендија се врати во победнички ритам откако во претпоследниот натпревар од десеттото коло во Првата лига славеше на гости против Скопје со 1-3. Со овој триумф повторно се врати на лидерската позиција со 23 бода, три повеќе од Струга Трим Лум и од Вардар.

Шкендија поведе уште во втората минута на стадионот „Железарница“ со голот на Ендрит Красниќи, а во деветтата минута Бојан Димоски ја удвои предноста на тетовскиот тим.

Скопје ја врати неизвесноста пред крајот на полувремето, кога Виктор Ангелов ја затресе мрежата на Бабукар Гаје во 44.минута, по корнерот на домаќините од десната страна.

На стартот на вториот дел, Фабрис Тамба со удар со глава повторно обезбеди предност од два гола за Шкендија зголемувајќи на 1-3 во 52.минута од мечот.

Во 74.минута беше досуден пенал за Шкендија по игра со рака на еден од дефанзивците на Скопје, но Бесарт Обраими не успеа да го реализира. Тој шутираше крај левиот дирек од голот на Кристијан Наумовски.

Скопје беше блиску до втор гол во 88.минута, но Виктор Ангелов шутираше над голот од непосредна близина по нафрлувањето на Мурџески.