Скопје во својот дом ќе се обиде да ја сопре Шкендија

ФК Скопје се наоѓа на последната позиција на табелата и нема друг избор освен да се бори за секој бод на секој натпревар во елитата.

Фудбалерите на Иван Варадиновски се во непријатна низа, но на последните неколку натпревари прикажаа напредок во играта, а поразите доаѓаа поради индивидуални грешки. Ќе се обидат да ги анулираат токму за денешниот дуел против Шкендија.

Со помош на публиката, фудбалерите на Скопје се надеваат дека можат да ја сопрат Шкендија, иако е јасно дека противникот е фаворит и според квалитетот и според позициите на прволигашката табела.

„Овој тим никогаш не се предава. Продолжуваме со нов предизвик и нова битка за нашите бои. Со срце, борба и поддршка од трибините, заедно со нови успеси“, порачуваат од таборот на Скопје, максимално фокусирани на денешниот предизвик.

Во минатото коло, беа на прагот на позитивен резултат против Вардар, но примија гол во 93.минута. Сега се надеваат на малку повеќе спортска среќа која треба да ја заслужат и со фанататична борбеност на теренот на „Железарница“.

Натпреварот меѓу ФК Скопје и Шкендија се игра на стадионот „Железарница“ од 14 часот, а ќе го суди Стојанче Стојанов.