Аризанкоски: Максимално сме подготвени, ќе го дадеме максимумот трите бода да останат дома

По двонеделната пауза поради настапите во Лигата на нации, викендов се враќа елитниот фудбал со натпреварите од 14. коло. Воведниот дуел ќе се одигра меѓу Шкендија од Арачиново и Башкими. Во пресрет на оваа средба, играчот за врска Андреј Аризанкоски јасно порача која е главната цел на тимот.

„Не очекува мошне тежок и предизвикувачки натпревар. Добро го познаваме противникот и потенцијалот што го има, но ние се подготвивме максимално во текот на целата недела. Екипата е целосно фокусирана и мобилизирана за овој дуел, а наша единствена цел е победата. Со трудот и посветеноста што ги покажавме, ќе го дадеме максимумот трите бода од следниот натпревар да останат дома за ФК Шкендија“, нагласи Аризанкоски.

На досегашните три меѓусебни пресметки меѓу овие два тима, поуспешна е Шкендија од Арачиново, која ги доби сите три дуели. Во Купот на Македонија, Шкендија славеше со 2:1, додека во првенството запиша победа од 2:0 на гостувањето во Куманово. Пред една година, на пријателски натпревар, „црвено-црните“ повторно беа поуспешни со 2:0.

Натпреварот меѓу Шкендија од Арачиново и Башкими ќе се одигра во петок (20.11) на стадионот во Чаир, со почеток во 13:00 часот. Правдата ќе ја дели главниот судија Стојанче Трпчевски.