По гол и бод за Шкендија и Силекс на „Тодор Проески“

Екипата на Шкендија од Тетово ремизираше против Силекс (1-1) во натпреварот од четиринаесеттото коло на Првата македонска фудбалска лига.

Bо 6. минута, Красниќи влезе во шеснаесетникот и асистираше во опасната зона, но Алмир Криезиу не успеа да го круниса нападот. Набргу потоа, нова грешка на одбраната на Силекс по изведувањето на аут, но во последен миг Марко Ѓорѓиевски беше запрен од голманот Џеков.

Силекс возврати во 10. минута, кога Мишов биеше од 17 метри, но на вистинското место беше голманот Гаје.

Во третиот офанзивен обид, тетовскиот состав успеа да го отвори резултатот преку Фабрис Тамба, кој беше проигран од Марко Ѓорѓиевски.

По ова, Шкендија ги бараше своите шанси преку контранапади, додека Силекс, иако имаше поголем посед на топката, не успеа да создаде поконкретна закана пред голот на тетовчани.

Првата акција во второто полувреме му припадна на Силекс, кога Манојлов од десната страна асистираше во шеснаесетникот, а Мишов се обиде да погоди на атрактивен начин, но Гаје беше внимателен и ја исфрли топката во корнер.

Веднаш во следната акција, во 53. минута, Силекс го израмни резултатот на 1:1. Никола Манојлов најде простор во шеснаесетникот на Шкендија и го совлада голманот на тетовскиот тим.

Шкендија одговори преку Тамба, кој силно биеше внатре во шеснаесетникот, но топката заврши крај голот. На спротивната страна се закани Богдановски, но топката отиде над голот на Гаје.

Една минута подоцна, Шкендија се закани преку Трумчи, но неговиот обид од 16 метри заврши веднаш покрај дирекот на голот на Силекс. Во 60. минута, Донов не го искористи брзиот контранапад и ја испрати топката над голот на „црвено-црните“.

Во последната акција, Бесарт Ибраими центрира во шеснаесетникот, додека Мелиќи реагира пред гостинската одбрана и ја погодува стативата.

Во 15. коло, Шкендија ќе игра на гости против Тиквеш, додека Силекс ќе се соочи со Струга ТЛ.