Судискиот одбор со анализа на клучни спорни ситуации на натпреварите од 14. коло во ПМФЛ

Судискиот одбор на Фудбалската федерација на Македонија изврши стручна и детална анализа на клучната судиска одлука на натпреварот од 14. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) помеѓу екипите на ФК Вардар и ГФК Тиквеш, на кој судискиот тим го сочинуваа главниот судија Фатмир Бафто, ВАР судијата Влатко Илиоски и АВАР судијата Борис Трајков.

      37. минута:

При нафрлување на топката од левата страна во казнениот простор на гостинската екипа, одбранбениот играч со број 6 на гостите го блокира центаршутот удирајќи ја топката со десната рака, која е подигната во неприродна положба и одвоена од телото, со што очигледно го зголемува волуменот на своето тело. Согласно Правило 12 од Правилата на фудбалската игра (Играње со рака), ваквиот контакт претставува казнив прекршок. Главниот судија Фатмир Бафто, согласно неговата поставеност, тој не е во можност да направи точна проценка, дозволи играта да продолжи и не досуди очигледен казнен удар за домашната екипа.

Дополнително, Судискиот одбор констатира сериозен пропуст и непочитување на ВАР протоколот од страна на судиите во ВАР собата — ВАР судијата Влатко Илиоски и АВАР судијата Борис Трајков. При проверката на спорниот момент во ВАР собата не биле прегледани сите достапни агли на камерите (вклучително и аголот зад голот каде јасно се гледа контактот со подигнатата рака) и ситуацијата не била анализирана со враќање на снимката на брзина од 50%, 25% и кадар по кадар (frame-by-frame). Поради ваквиот пропуст изостанала задолжителната интервенција и повик до главниот судија за преглед на снимката на терен (On-Field Review), со што би се коригирала првичната одлука и би бил досуден казнен удар за домашната екипа.

Со овој пропуст и кардинална грешка на ВАР судиите при резултат 0-1 за гостинската екипа, екипата на ФК Вардар е директно оштетена.

Судискиот одбор на Фудбалската федерација на Македонија изврши стручна и детална анализа на клучната судиска одлука на натпреварот од 14. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) помеѓу екипите на ФК Брегалница и ФК Струга.

       85. минута:

При одбид да ја исфрли топката од казнениот простор, играчот со број 15 на гостите ја расчистува топката со својата лева нога, при што таа директно се одбива во неговата десна рака. Согласно Правило 12 од Правилата на фудбалската игра (IFAB/FIFA) за играње со рака, ако играчот ја шутне топката со сопствената нога, и таа директно се одбие во неговата рака, не се досудува игра со рака (нема прекршок). Правилна одлука на главниот судија Доне Ристевски да дозволи играта да продолжи и да не досуди казнен удар (нема елементи за казнен удар), како и правилна проверка и потврда на одлуката од страна на ВАР собата (Александар Грујоски и Фуркан Идризи) согласно ВАР протоколот.

Судискиот одбор оценува дека судискиот тим на теренот предводен од главниот судија Доне Ристевски, како и судиите во ВАР собата Александар Грујоски и Фуркан Идризи, донесоа правилна и издржана одлука, целосно во согласност со Правилата на фудбалската игра и ВАР протоколот. На овој натпревар други предизвикувачки ситуации немаше.