По неочекуваниот пораз од тимот на Работнички, фудбалерите на Башкими се максимално фокусирани и решени да ги освојат наредните три бода со цел да ја осигураат својата позиција во средината на табелата во Првата лига.
Оптимизмот во таборот на кумановци се заснова и на последниот меѓусебен дуел на овие две екипи, во кој Башкими извојува чиста победа од 2-0 со головите постигнати од страна на Ор и Рибеиро. Напаѓачот на Башкими, Филип Алексовски, цврсто верува дека победата нема да се доведе во прашање и дека сите играчи на теренот ќе го дадат својот максимум за да стигнат до посакуваната цел.
„Повторно играме против Шкупи за многу краток период, овој пат пред нашата публика. По поразот од Работнички, кој малку нè изненади, сакаме да ги израдуваме нашите навивачи со победа. Овие три бода се клучни за да ја ‘бетонираме’ нашата позиција во средината на табелата. Подготвени сме и мотивирани да го дадеме максимумот“, изјави Алексовски.
Статистички гледано, Башкими досега има подобар учинок во меѓусебните пресметки со пет остварени победи, наспроти трите триумфи на Шкупи, додека само еден натпревар завршил без победник. Големото соочување меѓу Башкими и Шкупи ќе се одигра на стадионот во Куманово со почеток во 14 часот и 30 минути.





