Судискиот одбор: Исправни клучни одлуки и доследен критериум на натпреварот Вардар – Тиквеш

Во однос на натпреварот помеѓу ФК Вардар и ФК Тиквеш од Купот на Македонија, одигран на 28.10.2026 година, Судискиот одбор го дава следното стручно појаснување за одредени судиски одлуки, а во интерес на јавно и транспарентно согледување на состојбите.

58. минута, постигнат гол за домашната екипа, кој е правилно признаен од првиот асистент судија. Имено, за стручна анализа на која било офсајд одлука мора да се утврдат точниот момент на контакт со топката при релевантното играње од соиграчот, положбата на напаѓачот во однос на топката и претпоследниот одбранбен играч и кој играч потоа ја игра топката или влијае врз противникот. Од достапните видео материјали не може во никој случај да се потврди дека асистентот судија носи погрешна одлука, затоа што видливо од материјалот, еден одбранбен играч странично од голот од страната кај асистентот судија задоцнето се повлекува и останува како претпоследен одбранбен играч, при што во ваква ситуација напаѓачот во моментот кога топката е додадена кон него не е во офсајд позиција и е постигнат регуларен гол.

Во 77. минута, доделен е жолт картон на играчот со бр. 34 од домашната екипа, при што во оваа ситуација, однесувањето на играчот и сериозноста на прекршокот оправдува дисциплинска мерка со жолт картон и во никој случај не ги исполнува критериумите од Правилата на фудбалската игра за директно исклучување. Карактерот и интензитетот на дејството не укажуваат на употреба или обид за употреба на прекумерна сила или бруталност што би претставувале сериозен груб прекршок или насилничко однесување. Оваа судиска одлука се заснова на самото дејство, неговата не прекумерна сила и последиците од контактот. Оттука, изречената дисциплинска мерка жолт картон е соодветна на карактерот на прекршокот.

Во 89. минута, доделен е жолт картон за играчот со бр.4 на гостинската екипа, во ситуација за задоцнета и преостра интервенција во обид да се игра со топката, со контакт во долниот дел од ногата на противничките играчи. При оценувањето на целокупното движење и интензитетот на прекршокот, не е утврдена употреба на прекумерна сила или загрозување на безбедноста на противникот што би ја квалификувало интервенцијата како сериозен груб прекршок за директен црвен картон. Соодветната дисциплинска санкција за ваков преостар прекршок е жолт картон. Притоа, проценката за тоа во чија корист требало да биде досуден прекршокот најдобро гледа и одлучува главниот судија кој е на само неколку метри од прекршокот, но во никој случај оваа ситуацнија не смее да се интерпретира како пропуштен директен црвен картон.

Истовремено, би издвоиле дека во фазата на градење на нападите што претходеа на вториот и третиот гол на гостинската екипа, беа забележани контакти за кои постои основа да бидат досудени прекршоци за домашната екипа. Сепак, главниот судија, во согласност со критериумот што го применуваше на натпреварот, ги оценува како дозволени и ја продолжи играта, по што гостинската екипа постигнува голови.

Судискиот одбор напоменува дека секоја ситуација се оценува според конкретните критериуми од Правилата на фудбалската игра, земајќи ги предвид целосниот тек на дејството, интензитетот, начинот и местото на контактот и опасноста за противничкиот играч. На овој натпревар, сите 12 изречени дисциплински мерки беа правилно доделени. Критериумот беше доследно задржан од почетокот до крајот, со успешно менаџирање со играта и со играчите, без судиски одлуки што влијаеа врз текот на играта или врз конечниот резултат на натпреварот.

Напоменуваме дека никакви конструкции, притисоци и измислици нема да не поколебаат во носењето одлуки исклучиво врз основа на Правилата на фудбалската игра, со доследна примена на принципот на еднаков третман за сите.