Интересен, возбудлив и натпревар со многу голови имаа можност да видат љубителите на фудбалот во Струмица. АП Брера и Силекс одиграа нерешено 3:3, во меч во кој гостинската екипа имаше водство од 0:1 и 1:3, но на крај мораше да се задоволи само со бод.
По првото полувреме резултатот беше 1:1, и покрај тоа што повеќе од играта и шансите имаше Силекс. Откако Алиќ не искористи неколку одлични прилики, односно Илоски фантастично интервенираше, гостите поведоа во 19. минута од пенал.
Тодоров стартуваше над Алиќ, по што беше досуден удар од белата точка, кој прецизно го реализираше Мирчевски.
Алиќ потоа имаше уште една шанса за 0:2, но не успеа да реализира сам пред голот, Илоски повторно блесна со одлична интервенција.
Во моментите кога АП Брера воспостави рамнотежа, успеа да израмни. Ндегензуе му испрати одлична топка на Филип Михаилов, кој со прецизен удар од 18–19 метри го совлада Божиновски и пред крајот на првиот дел го израмни резултатот.
Силекс брзо стигна до предност од 1:3 на стартот од второто полувреме. Во 46. минута, Донов ја искористи една одбиена топка и со силен удар од 26-27 метри погоди за ново водство, а потоа се запиша во листата на стрелци и Пиреш. По ударот од слободен удар на Тимовски, Илоски кратко одби, а Пиреш беше најснаодлив и ја испрати топката во мрежата за 1:3.
Но, АП Брера не се предаваше. Во 63. минута, по една мешаница во шеснаесетникот, Луковиќ успеа да се снајде и да го совлада Божиновски за 2:3. Само седум минути подоцна следеше ново израмнување, 3:3. По нафрлување од левата страна, топката стигна до Стојанов, кој шутираше прецизно и го постави конечниот резултат на овој возбудлив натпревар.





