После Шкендија, Арсими му одржа лекција и на Силекс на гостински терен. Прволигашот од Чегране подобро се снајде на тешкиот и дождлив терен во Кратово, и триумфираше со 3:1.
И покрај тоа што теренот беше тежок за игра, сепак, желбата за победа кај двата тима не изостана, па затоа мечот изобилуваше со многу шанси.
Арсими добро го почна мечот, имаше две шанси, а потоа и Силекс возврати со две убави прилики. Најблиску до предност домашниот тим беше во 21. минута кога Бутуровиќ со глава ја погоди стативата од голот на Исљами.
Во 44. минута Арсими успеа да дојде до предност. Акција од десната страна на Велија кој додаде до Хуриќ, а овој осамен на 5-6 метри го совлада Џеков за предност на полувремето.
Вториот дел почна исто динамично. Во 61. минута Арсими дојде до двојна предност. Нововлезениот Ајдини успеа најдобро да се снајде, и по лошата интервенција на домашниот тим, да погоди во голот на Џеков.
Меѓутоа Силекс не се предаваше. Сакаше по секоја цена да го избегне поразот, и успеа да намали во 75. минута. На голот на Мирчевски претходеше одличен удар на Донов кој заврши во стативата, а потоа топката стигна до Мирчевски кој само погоди во празната мрежа.
Арсими во 81. минута дефинитивно го реши прашањето околу освојувачот на трите бода. Во мрежата на Силекс погоди и Таипи, кој со прецизен удар од 14-15 метри од десно успеа да донесе 3:1 за својата екипа. Гостите постигнаа и четврти гол преку Ајдини, но истиот беше поништен поради офсајд.
Демотивираниот Силекс веќе немаше сила да се врати во мечот, па така трите бода заминаа за Чегране.





