Бојку: Не смееме да го потцениме Скопје, нема веќе лесни натпревари во Првата лига

Струга Трим Лум одлично ја започна новата сезона, со победа од 3-0 на новиот прволигаш Шкендија Арачиново. Во второто коло повторно ќе има противник кој оваа година пристигна од Втората лига, тимот на Скопје.

„Против Скопје, како и на секој друг натпревар, мора да излеземе на теренот и да го дадеме најдоброто од себе. Кога велам најдоброто, мислам на тоа сите ние прецизно да ги реализираме задачите што ни се дадени од стручниот штаб. Ако успееме да го направиме тоа, тогаш верувам дека добро ќе поминеме на ова гостување во Скопје“, изјави фудбалерот за врска на Струга ТЛ, Бесмир Бојку.

Тој е свесен дека повеќе нема лесни натпревари, па затоа стружани во ниеден момент не смеат да го потценат тимот на Скопје.

„Нема веќе лесни натпревари, воопшто не ни беше лесно ниту против Шкендија Арачиново, без оглед на конечниот резултат. Би сакал да повториме таква игра, со единствена цел да продолжиме по победнички пат“, истакна Бојку.

Натпреварот меѓу ФК Скопје и Струга Трим Лум е закажан за денеска, со почеток од 17 часот на комплексот на Фудбалската федерација на Македонија, а ќе го суди Александар Грујоски.