Брифинг на ФФМ: Реформи, лиценцирање, репрезентации и судиска организација

Фудбалската федерација на Македонија денеска одржа брифинг со претставниците на медиумите на кој присуствуваа претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, селекторот на А репрезентацијата, Гоце Седлоски, техничкиот директор на националните младински селекции, Ѓорѓи Христов и комесарот за делегирање судии, Јосип Бартон.

Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, зборуваше за повеќе актуелни прашања поврзани со клупскиот и репрезентативниот фудбал, инфраструктурните проекти и зачувувањето на интегритетот на натпреварувањата.

Осврнувајќи се на прашање за стадионот во Тетово и поддршката на федерацијата околу изградбата на новиот стадион, Омерагиќ потсети дека ФФМ обезбедила значителна финансиска поддршка за подобрување на условите.

„Шкендија од Тетово нема пријавено нов стадион за новата сезона, без разлика што им се реновира стадионот. Ние најавивме поддршка од 700.000 евра за изградбата на трибините во Тетово. Сепак, од човек во управата на Шкендија неколку пати, на заеднички состаноци, добив одговор дека не им е потребна помош, а јас не планирам никого да молам“, изјави Омерагиќ.

Во врска со одлуката на УЕФА за условна казна за ФК Вардар, претседателот на ФФМ нагласи дека федерацијата нема никаква улога во процесот на одлучување.

„УЕФА не контактираше и истрагата траеше пет-шест месеци. Ова не е нешто врз кое може да влијае ФФМ. Федерацијата е чиста и нема никаква врска со рејтингот. УЕФА донесе ваква одлука, таа можеше да биде и полоша и Вардар да не игра во Европа. Паричната казна е висока, но добро е што нема елиминација“, истакна Омерагиќ.

Говорејќи за изминатата сезона, претседателот на ФФМ оцени дека првенството било успешно организирано и покрај бројните предизвици.

„Имавме добра сезона, немавме скандалозни судиски одлуки, а ВАР системот донесе исклучително високо ниво на успешност во одлуките. Имавме тешко првенство, испаднаа клубови со традиција, но тие треба да ја бараат вината во своите редови, како и екипата која на свои терен не успеа да победи против Арсими, Башкими, Брера, Пелистер, итн. Сега почнуваме со нов систем на натпреварување, четирикружно. Сите реформи за оваа сезона се спроведоа во рекордно време“, рече Омерагиќ.

Во однос на лиценцирањето на новите прволигаши, тој потврди дека процедурите мора да се почитуваат без исклучок.

„Испративме дописи до Скопје и Шкендија Арачиново дека во најбрз рок мораат да извршат лиценцирање за да можат да играат во елитата. Тука не се прашуваме ние, тоа се прописи кои мораат да се почитуваат“, изјави Омерагиќ.

На темата интегритет на натпреварувањата и сомнителните натпревари, претседателот на ФФМ објасни дека федерацијата постапува исклучиво врз основа на информации добиени од УЕФА и во координација со надлежните институции.

„Секогаш ќе има сомнителни натпревари. Ние добиваме дописи од УЕФА и никогаш не дејствуваме самоиницијативно. По секој сомнителен натпревар добиваме детални информации и должни сме да ги информираме надлежните институции. За да преземеме мерки против кој било клуб, мора да добиеме правосилна судска пресуда. Се додека нема таква пресуда, нема да исклучиме ниту еден клуб“, нагласи Омерагиќ.

Селекторот на А репрезентацијата, Гоце Седлоски, зборуваше за националниот тим и за можностите кои им се даваат на домашните фудбалери.

„Повикав повеќе фудбалери и од македонското првенство и сите добија шанса. Очекуваме и посакуваме во иднина да се појават нови имиња од младата репрезентација кои ќе бидат дел од сениорскиот тим. Атмосферата во репрезентацијата е добра и покрај поразот од Турција. Најважно е да го оставиме лошото зад нас, а верувам дека доаѓаат подобри денови“, истакна Седлоски.

Техничкиот директор на националните младински селекции, Ѓорѓи Христов, говореше за состојбите во младинскиот фудбал и активностите што се преземаат за создавање подобри услови за развој на младите играчи.

„Не бев изненаден од ситуацијата што ја затекнав, бидејќи добро знаев што нѐ очекува. Откако дојдовме, презедовме неколку конкретни чекори, меѓу кои и формирањето на репрезентацијата до 20 години, а веќе можат да се забележат и првите позитивни ефекти“, изјави Христов.

Тој потенцираше дека промените бараат време и дека сегашната генерација на млади репрезентативци е резултат на процес кој трае со години.

„Реалноста е таква каква што е и не треба да се залажуваме. Денешната генерација на репрезентативци до 21 година е одраз на работата што се вршела во последната деценија. Токму затоа решивме да направиме реорганизација на најмладите категории. Репрезентацијата до 15 години не е укината, туку е поставена на поинаков начин со цел младите фудбалери да имаат повеќе натпревари и подобри услови за развој“, рече Христов.

На брифингот беа отворени и теми поврзани со судиската организација, функционирањето на ВАР системот, како и идните активности на ФФМ насочени кон унапредување на македонскиот фудбал на сите нивоа.