Македонската фудбалска репрезентација забележа минимална, но многу значајна победа на гостински терен против незгодната селекција на Казахстан во рамки на 4. коло од квалификациите за пласман на СП 2026. Избраниците на селекторот Благоја Милевски во еден возбудлив и до самиот крај неизвесен натпревар славеа со 1:0.
Двете селекции офанзивно го започнаа натпреварот, но без посериозни закани по двата гола. Македонија имаше обиди преку Елмас и Чурлинов, но домашниот голман беше на висина на задачата.

Во 33. минута, Македонија поведе со 1:0. Александар Трајковски беше стрелец на погодокот, откако прекрасно шутираше и го матираше голманот на Казахстан.
Во продолжението, селекцијата на Казахстан беше таа која имаше иницијатива и создаваше шанси, но нашата одбрана беше одлична на овој натпревар, не дозволувајќи му на противникот да постигне погодок.

Репрезентацијата на Македонија по одиграни четири натпревари е на врвот на табелата во квалификациската група за Светското првенство (СП) кое се игра во 2026 година во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико.
Квалификациите за пласман на СП продолжуваат во септември. На 7. септември, Македонија го пречекува Лихтенштајн. На 10. октомври и гостуваме на селекцијата на Белгија, во Гент.
Казахстан – Македонија 0:1 (0:1)
Македонија: Столе Димитриевски, Стефан Деспотовски, Ѓоко Зајков, Висар Муслиу, Дарко Чурлинов (Димитар Митровски), Елиф Елмас (Стефан Ашковски), Тихомир Костадинов (Агон Елези), Енис Барди, Езџан Алиоски, Бојан Миовски (Мартин Ристовски), Александар Трајковски (Јани Атанасов); Селектор: Благоја Милевски






