Нова шанса за Пелистер против незгодната АП Брера

Пелистер пружи силен отпор и одигра добар натпревар со Вардар во вечното дерби, но поразот ја комплицира ситуацијата на табелата за битолскиот клуб.

Следна шанса за три бода и зачувување на шансите за опстанок доаѓа против АП Брера, клуб што “зелените” го совладаа на гости во првиот дел од сезоната.

Капитенот Мирко Ивановски е свесен за ситуацијата, но има комплименти за противничкиот тим.

– Добрата игра против Вардар е минато. Потребно е да создаваме повеќе шанси за да стигнеме до посакуваната победа. АП Брера игра добар фудбал, но ние мораме да одиме на победа, – вели искусниот голгетер кој единствениот погодок оваа година го има токму против струмичкиот клуб.

Во досегашни седум натпревари со АП Брера, на домашен терен, Пелистер има само две победи во дуелите со АП Брера, последната во 2021 година.

Натпреварот се игра со почеток во 13 часот на стадионот “Петар Милошевски” во Битола.