Во последниот натпревар од 10-то коло во ПМФЛ, Арсими и Тиквеш освоија по бод откако во Гостивар играа без победник 1-1.
Првата опасна акција во последниот натпревар од 10-тото коло ја имаше Тиквеш, кога гостинскиот напаѓач Лавал се закани со глава, но топката заврши сигурно во рацете на голманот Силјановски. Заканите на гостите продолжија и во 23-тата минута по еден брз противнапад, меѓутоа ударот на Сила замина над пречката.
На спротивната страна, Арсими возврати веднаш користејќи грешка во гостинската одбрана, каде што напаѓачот Гаје ја испрати топката во мрежата, но радоста на домаќините траеше кратко бидејќи голот беше поништен по интервенцијата на ВАР-системот. Домаќините не се откажаа и го зголемија притисокот, заканувајќи се повторно во 33-тата минута преку Шпанецот Гони, чиј обид го одбрани голманот Ст
евковски.
Обидите на Арсими се исплатија во 38-мата минута, кога Лорик Каба-Јакупи прекрасно искористи една несигурност во противничката одбрана и со силен удар со левата нога од 17 метри ја затресе мрежата за 1-0.
Финишот на првото полувреме донесе вистинска драма. Најпрво, на една минута пред крајот, Сила се обиде да изненади од многу тежок агол, но Силјановски беше на своето место, додека во последните секунди од судиското продолжение, истиот играч, Н’фанли Сила, по асистенцијата на Лавал, упати прецизен удар од 17 метри и ги израмни бројките на 1-1.
И на почетокот од второто полувреме ритамот остана висок, а Тиквеш веднаш ја создаде првата сериозна шанса по еден корнер, кога Бесир Рамадани биеше со глава, но топката заврши за малку покрај стативата.
Во 67-мата минута, гостите побараа игра со рака од домашната одбрана, но главниот судија Ѓорѓиев, по сугестија на ВАР-системот, покажа дека нема елементи за најстрога казна. Слична ситуација се случи и во 73-тата минута, овојпат во шеснаесетникот на Тиквеш, каде што Лавал играше со рака, но по повторната консултација со ВАР-системот, судијата Ѓорѓиев даде знак играта во Гостивар да продолжи.

Во 81-вата минута, Окере го имаше најатрактивниот момент на натпреварот, кога се обиде со фантастичен удар од над 30 метри, но топката заврши во пречката од голот на Арсими. Пред самиот крај, во 87-мата минута, гостинскиот дефанзивец Фал направи голема грешка, но Тошев не успеа да ја искористи шансата откако беше сопрен од одличната интервенција на голманот Стивковски.
Во следното 11-то коло, екипата на Арсими повторно ќе биде домаќин во Гостивар против Брегалница, додека Тиквеш во Кавадарци ќе му го пречека тимот на Башкими.





