Работнички со императив да ја освои Струмица

Остануваат уште три кола до крајот на првенството во Првата лига, а Работнички се обидува да го пронајде своето место под сонцето. Битката за опстанок е сурова и едноставно „романтичарите“ мораат да ги освојат трите бода на денешното гостување кај АП Брера во Струмица.

„Целта се трите бода. Немаме право на грешка, фокусирани сме да победиме. На минатите два натпревари испуштивме многу значајни бодови и сега немаме друга алтернатива. Брера исто така е во загрозена зона, се работи за млад и квалитетен состав, но ние само со триумф ќе продолжиме да се надеваме дека можеме да обезбедиме опстанок“, изјави капитенот Бесир Демири пред денешниот дуел во Струмица.

Во пресрет на мечот од 31.коло, АП Брера се наоѓа на деветтата позиција со 36 бода, додека Работнички е на 11.место со 29 бода.

Натпреварот меѓу АП Брера и Работнички стартува од 16 часот, на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица.