Натпреварот во Кратово започна со висок интензитет и целосна офанзива на домашниот состав. Уште на самиот старт, Тимовски со силен удар од далечина навести дека Силекс ќе притиска кон голот на гостите, но неговиот обид заврши за малку покрај стативата. Најголемиот товар во нападот на кратовци го носеше Ади Алиќ, кој се најде во неколку идеални прилики за водство. Прво, по една одлична акција, неговиот удар од непосредна близина заврши над голот, а потоа и неговиот обид со глава по центаршутот на Пиреш беше запрен од сигурниот Сиљановски.

Најблиску до водство Силекс беше во средината на првиот дел кога Донов, по одличен продор, упати вистински „проектил“, но за среќа на гостите, рамката од голот беше сојузник на Арсими. Екипата од Чегране своите шанси ги бараше преку брзи транзиции, каде најопасен поединец беше Гафури. Тој најпрво пропушти колосална шанса кога излезе сам пред голманот Џеков, а потоа се обиде и со атрактивен удар од речиси 30 метри. Пред самиот крај на полувремето, Силекс имаше уште една „златна“ шанса, но Алиќ, по асистенцијата на Додев, повторно беше непрецизен од само шест метри.

Второто полувреме започна со слична слика – Мицевски одлично го проигра Алиќ во шеснаесетникот, но напаѓачот на домаќините повторно задоцни со реакцијата. Казната за бројните промашувања пристигна во 52-рата минута. Албион Рамадани со феноменален удар од 22 метри го погоди спротивниот агол од голот на Џеков, носејќи му водство на Арсими од 0-1.
Силекс веднаш тргна во напад за израмнување и во 68-мата минута преку Мишев успеа да ја затресе мрежата со луциден лоб-удар. Сепак, радоста на домашните навивачи траеше кратко, бидејќи по интервенција на ВАР системот, голот беше поништен поради офсајд позиција.
Во финишот од средбата, притисокот на кратовци се засили. Во 86-тата минута Мишев повторно се најде во позиција, но неговиот удар беше изблокиран, додека во продолжение на акцијата Делимеѓац биеше непрецизно. Последната шанса за спас од пораз ја имаше Донов во судиското продолжение, но неговиот обид со глава заврши во рацете на сигурниот голман Сиљановски, со што Арсими ги завери трите бода на ова тешко гостување.





