Силекс и Пелистер одиграа без голови и во Кратово

Само десетина дена откако Силекс и Пелистер во нивниот меѓусебен дуел во Битола заврши без голови, исто сценарио видовме и во Кратово во рамките од 23. коло во ПМФЛ. Не се тресеа мрежите на Џеков ниту на Јовчевски во мечот во кој и двата тима имаа прилики за победа, но не ги искористија, а и голманите беа на висината на задачата.  Силекс и натаму ја чека првата победа на домашен терен оваа година.

Пелистер беше подобар противник во првиот дел, и ја имаше најдобрата шанса преку Булатовиќ, кој по акцијата со Керим шутираше, меѓутоа Џеков одлично одбрани.

На другата страна Донов се обиде од 25 метри, топката незгодно отскокна пред Јовчевски, но голманот на Пелистер се снајде и одбрани во корнер.

Последната шанса во првиот дел ја имаше Спировски, чиј обид од дваесетина метри заврши само крај левиот дирек од голот на Џеков.

Во второто полувреме Булатовиќ и Ивановски се заканија во рок од една минута, Џеков одбрани во двете ситуации.

Потоа топката се префрли на делот каде што се бранеше Пелистер, па Силекс неколкупати се закани.

Следен се обиде Алиќ во 70 минута кој шутираше само над голот, а потоа Мишов со глава од идеална позиција се обиде непрецизно, и топката отиде над пречката.

Јовчевски го одбрани ударот на Николовски во 75. минута од средбата, и не дозволи Силекс да поведе.

Домашниот тим успеа да постигне гол во последните мигови од мечот, меѓутоа истиот беше поништен поради офсајд, и така дуелот заврши без голови.