Силекс на убедлив начин до висока победа против Шкупи

Екипата на Силекс ѝ стави крај на серијата од две кола без победа во Првата македонска фудбалска лига и против Шкупи извојува убедлив триумф со 5:1.

Домашните фудбалери уште од самиот старт на натпреварот наметнаа силно темпо, и гостинската одбрана капитулираше уште во седмата минута, кога Алиќ стрелаше за водство на Силекс од 1:0. Мигел Пиреш, во десеттата минута по една контра погоди за 2:0. Овој резултат беше активен до 35. минута, во која одбраната на чаирчани одново беше немоќна, а убедливи 3:0 за домаќинот донесе Алиќ. Мартин Мирчевски погоди во 39. минута, за убедливи 4:0.

Во вториот дел, по една грешка на одбраната, Рибеиро го совлада Џеков и намали на 4:1. Сепак, Мирчевски со нов гол, овој пат од дистанца, ја врати позитивата на кратовци од четири гола (5:1).

Во следното коло, Силекс на свој терен ќе се сретне со Арсими, додека Шкупи ќе ја пречека Шкендија.