Три победи по ред трае серијата на Силекс во Првата македонска фудбалска лига. Откако претходно влегоа во мала „криза“, сега кратовскиот тим ја има најдобрата форма од сите екипи во последните три кола, а денеска за противник ја има екипата на АП Брера, во надеж дека ќе продолжи со победничката серија.
Седум бода е разликата од Струга ТЛ на третото место, а од кратовскиот тим најавуваат дека ќе се борат до крај и додека има шанси за место погоре на табелата.
„Радува добрата форма во нашиот тим, и сега посакуваме оваа победничка серија да потрае. Се додека имаме шанси за тоа трето место, ние ќе се бориме до крај. Играме против АП Брера, тим кој има мотиви да се бори за опстанок, но имаме и ние мотиви да освојуваме бодови за да се пласираме место погоре на крајот од првенството. За нас денешниот меч е како сите останати, одиме по нашата цел да ги освоиме бодовите, да ја играме нашата игра, да ги исполниме задачите од стручниот штаб и се надевам дека тоа ќе биде доволно на крај да стигнеме до победа“, рече голманот на Силекс, Љупче Џеков.





