Силекс со еден гол до победа над Тиквеш и прекин на серијата порази

После трите последователни порази, Силекс успеа да победи и да стави крај на мини кризата. Во Кратово денеска беше совладан тимот на Тиквеш минимално со 1-0. Натпреварот изобилуваше со возбудувања, со шанси на двете страни, и штета што на крајот љубителите на фудбалот видоа само еден гол. „Виновник“ за тоа е Љупче Џеков кој имаше неколку одлични интервенции, и на крајот успеа да го сочува голот. Од друга страна, Силекс двапати ја погоди стативата и пропушти неколку можности да дојде до поубедлив триумф.

Од првата шанса на мечот, се случи и промената на резултатот, голот, кој подоцна ќе се покаже како единствен и доволен за победа. Се играше 9. минута кога Додев проби по левата страна, го проигра Алиќ, кој ја смести топката во мрежата на Стевковски.

Силекс пропушти можност преку Пиреш да зголеми и на 2-0. По проигрување од Алиќ, Португалецот се најде сам пред голот на Стевковски, сакаше да го проигра Хрвановиќ, меѓутоа во последен миг Стевковски интервенираше.

Стојанов имаше шанса да му донесе на Тиквеш за израмнување, шутираше, но Џеков одбрани.

Кратовскиот прволигаш во 32. минута ја имаше најзрелата шанса во првиот дел да ја зголеми предноста. Упати силен удар откосо од лево, а топката заврши во десната статива од голот на Тиквеш.

Последната посериозна шанса во првото полувреме ја имаше Тиквеш преку Миловановиќ, кој шутираше од дваесетина метри, а Џеков успеа со крајни напори да одбрани.

Првата закана во второто полувреме дојде од Тиквеш преку Садик, и одново Џеков беше сигурен и успеа да ја сочува мрежата. Рамадани во 80. минута се обиде, меѓутоа тоа беше лесен плен за Џеков.

Прекрасна интервенција на голманот на Силекс Љупче Џеков, кој ја извади топката од аголот по ударот на Мишов во 84. минута од средбата. Уште една шанса од Тиквеш остана неискористена.

Силекс можеше да казни и да дојде до 2-0 преку Говедарица, кој во 86. минута одкосо од десно остана осамен, но шутираше само крај голот. Веќе во следната минута истиот играч го погоди левиот дирек од голот на Тиквеш.

Тивкеш во 88. минута повторно преку Мишов можеше да израмни, меѓутоа голманот Џеков уште еднаш успеа да одбрани. На другата страна во третата минута од судиското надополнување Донев со лоб удар се обиде да го совлада Стевковски, топката оди само крај голот. Тоа беше последната прилика на овој интересен натпревар.