Струга Трим Лум денеска го пречекува Силекс на домашен терен и ќе се обиде да го подобри ефектот кога се во прашање натпреварите пред својата публика. Ги загуби последните два, против Тиквеш (1-2) и против Работнички (1-2), па соочувањето со Силекс е важно од тој аспект исто колку и битката за третата позиција.
Стружани имаат седум бода предност пред четвртопласираниот Силекс, па со евентуален триумф ќе ја потврдат оваа позиција.
„Подготвени сме за добар натпревар и се надеваме дека ќе ги освоиме трите бода. Во последниот период имавме лоши настапи пред домашните гледачи и мислам дека им должиме едно квалитетно издание. Верувам дека ќе одиграме на потребното ниво и дека на крајот ќе се радуваме“, изјави Басиру Компаоре.
Натпреварот меѓу Струга Трим Лум и Силекс е закажан за 13 часот, на Градскиот стадион во Струга.





