Струга Трим Лум убедливо го порази Арсими

Струга Трим Лум славеше убедлив триумф од 6-0 против Арсими во претпоследниот натпревар од осмото коло во Првата фудбалска лига. Интересно е дека крај езерото немаше голови по првите 45 минути, а потоа домаќинот постигна дури шест погодоци во вториот дел.

Во 15.минута се закани Радески, но не беше доволно прецизен за да донесе брзо водство.  Струга Трим Лум постигна погодок во 22.минута, но по подолга ВАР-проверка не беше признат поради офсајд позиција.

Во 30.минута, Христијан Малески во соло пробив надм удри неколку дефанзивци на Арсими, но на крајот голманот Силјановски успеа да одбрани.Малески беше во шанса и во 45.минута, сепак, не беше прецизен.

Струга Трим Лум успеа да поведе во 57.минута. Марјан Радески се одлучи на удар од 17 метри, Дејан Силјановски имаше лоша реакција и топката буквално од рацете му се лизна во голот.

Пет минути подоцна Арсими остана со играч помалку откако Мислими беше исклучен поради два жолти картони, а во 67.минута Радески постигна втор погодок и го удвои водството.

Меметриза Хамза нафрли од левата страна, а Радески со удар со глава погоди од непосредна близина.

Во 69.минута Алтин Алији зголеми на 3-0, а Марјан Радески шест минути подоцна комплетираше хет-трик со прекрасен удар.

Петтиот гол беше дело на Флоријан Рочи во 80.минута, а серијата голови ја затвори капитенот Буњамин Шабани со удар од дваесетина метри во 88.минута.