Тиквеш успеа да го победи Работнички во Скопје со 0-2 во натпреварот од 12.коло во Првата фудбалска лига што се одигра на стадионот “Петар Милошевски”. Кавадарчани ги искористија своите шанси во второто полувреме и славеа со головите на Даниел Миловановиќ и на Кристијан Стојкоски.
Првата шанса ја имаше Тиквеш уште во втората минута. Мишов излезе сам пред голманот Васко Василев, но шутираше крај дирекот.
Во 21.минута, Теодор Николовски се закани со удар од далечина, но Стевковски беше сигурен.

Голема шанса имаше Работнички во 38.минута. Михаил Димитриевски одлично го проигра Калани Алмеида, кој шутираше силно од десетина метри, но Стевковски одлично одбрани и исфрли во корнер. По ударот од аголот, Димитар Трајков шутираше со глава, но крај голот.
Во второто полувреме, Тиквеш ги искористи своите шанси. Во 68.минута, Даниел Миловановиќ остана осамен на вториот дирек и успеа да ја затресе мрежата на Работнички. Тиквеш поведе со 0-1.

Во 81.минута, гостите ја зголемија предноста со голот на Кристијан Стојкоски. Тој се реши за удар од 25 метри и успеа да го совлада Васко Василев.
Во 89.минута беше досуден пенал за Работнички, откако дефанзивец на Тиквеш играше со рака во шеснаесетникот, а имаше реакција од ВАР собата. Но, Џелил Асани не успеа да го реализира, шутирајќи високо над гредата.





