Актуелниот шампион Вардар доживеа голем удар минатиот викенд, откако го загуби дербито против Шкендија на Арената „Тодор Проески“. Овој пораз, зачинет и со претходните порази на европските натпревари на домашен терен, го чинеше отказ шефот на стручниот штаб Кристијан Фабијани.
Аргентинскиот стратег си замина, а тимот на натпреварот со Струга Трим Лум ќе го предводи Матија Мирков, кој беше негов прв асистент, а исто така беше соработник и на Гоце Седлоски во ланската шампионска сезона.
Од Вардар овој пат нема премногу да се расфрлаат со зборови, фокусирани се на натпреварот и на обидот експресно да се вратат на победничкиот пат.
Јасно е дека ќе има одредени измени и во составот, а Матија Мирков ќе треба да ги пронајде единаесетмината кои ќе „кликнат“ и ќе одиграат квалитетен натпревар со амбиција да ги освојат трите бода.
Ако нешто на Вардар му оди во прилог оваа сезона, тоа дефинитивно се натпреварите на гости. Во Европа покажа дека многу подобро може да одигра надвор од дома и да победи, отколку на Арената „Тодор Проески“. Останува да се види како тренерската промена сега ќе се одрази на настапот на вардарци против Струга Трим Лум.
Натпреварот меѓу Струга Трим Лум и Вардар е закажан за 16.30 часот, а ќе го суди Доне Ристовски.





