Вардар влезе како фаворит во скопското дерби против Работнички, но до победата стигна по голема борба, откако ривалот, охрабрен од неодамнешната победа над Пелистер, тргна со полна пареа и против „црвено-црните“.
Во седмата минута, по асистенција на Трајков, Работнички дојде до водство преку Имери, што беше јасен сигнал дека гостите се дојдени да се надигруваат. Вардарци успеаја да се соземат од шокот, но имаа и малку среќа што Работнички не зголеми на 2:0 во следните можности – прво кога биеше Трајков, а потоа и Имери, кој се обиде да го лобува Талески.
Од средината на полувремето Вардар ја презеде иницијативата, па шансите почнаа да се редат, но голманот Василев имаше свој ден и сигурно го бранеше голот на Работнички, скротувајќи неколку удари што одеа во рамките на голот. Атрактивен обид од волеј во свртување имаше Данев, додека ударите на Омераѓиќ и Мато завршија со корнери. Во 38. минута Бабунски се обиде од слободен удар, но повторно без реализација.
Израмнувањето дојде во 41. минута, кога беше досуден пенал за Вардар. Акцијата на црвено-црните беше прекината поради сигнализација за игра со рака од страна на Демири, а по прегледување на ситуацијата во ВАР-собата, судијата одлучи дека имало прекршок за најстрога казна. Реализатор на ударот од 11 метри беше Бабунски, за кого ова е прв погодок во македонското првенство.
И вториот дел започна динамично, со шанси за Работнички повторно да дојде до водство. Демири не ја искористи можноста кога се најде лице в лице со Талески, што очигледно внесе дополнителна нервоза во играта на гостите. Неколку минути подоцна, Велкоски водеше напад, но откако беше соборен, судијата остави играта да тече. Во контра нападот што следеше, Демири направи остар старт за да ја расчисти опасноста, но по анализа во ВАР-собата, му беше досуден прекршок, втор жолт картон и исклучување.
Вардар брзо ја искористи бројчаната предност и во 59. минута поведе со 2:1. На акцијата за гол ѝ претходеше одлична интервенција на Василев, но додека одбраната на Работнички бараше фаул, Мато го проигра Диего Кастењада, кој ја затресе мрежата. Во 67. минута Вардар постигна уште еден погодок, Маневски упати топка кон шеснаесетникот, а Мато успеа да ја зафати и да го измами Василев.
До крајот на мечот двата тима создадоа уште неколку сериозни обиди, што му даде дополнителна динамика и атрактивност на дербито, но мрежите останаа мирни.
За Вардар ова е 36. победа во 80 меѓусебни натпревари со Работнички. „Црвено-црните“ сезонава имаат шест победи и едно реми (со АП Брера), поради што се наоѓаат на врвот на табелата со 19 бодови.
Утре се играат средбите АП Брера – Арсими и дербито Силекс – Струга, додека во вторник на програмата е последниот натпревар од седмото коло: Пелистер – Башкими.





