Силекс во Кратово го пречекува Вардар на домашен терен во 13. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Кратовскиот прволигаш влегува во овој меч по ремито без голови против Скопје во Автокоманда, но со голем оптимизам и со надеж дека ќе се дојде до три бода во мечот со актуелниот првак. Воедно, ова е одлична шанса на Силекс со победа да фати приклучок кон првите четири места на табелата во финишот од есенскиот дел.

„Типичен дерби натпревар, очекувам интересен меч. Секако, Силекс ќе настојува да ги освои трите бода. Вардар е секако тежок противник без разлика во која ситуација и да се наоѓа, и дали има серија на лоши резултати или не, е секогаш тешко да се игра против Вардар. Но, ние ќе се трудиме да дадеме максимум и да се обидеме да го добиме овој натпревар“, изјави Александар Васоски, тренерот на кратовскиот прволигаш.
Мечот помеѓу Силекс и Вардар се игра во сабота со почеток во 13:00 часот.





