Криезиу: Дерби пресметка на двата тима кои покажаа најмногу оваа сезона

Дербито на 13-то коло ќе се игра во Струга, каде што „црвено-црните“ патуваат со јасна амбиција да го одбранат првото место и да го повторат успехот од првата фаза. Во пресрет на ова соочување, Алмир Криезиу ја истакна важноста на ова дерби, соодветната физичка и психолошка подготовка, како и јасната цел на црвено-црните за позитивен резултат.

„Ваквите дерби-пресметки се нешто посебно за секој фудбалер – сите живееме за вакви мечеви! Мотивацијата доаѓа сама по себе кога на теренот директно се соочуваат првиот и вториот на табелата,“ истакна Криезиу.

Еден наспроти друг застануваат тимовите кои понудија убедливо најмногу фудбалски квалитет во досегашниот тек од шампионатот. Шкендија влегува со авторитет на лидер, но актуелниот домаќин е во страшна форма и нема да отстапи пред домашната публика.

„Верувам дека гледачите ќе уживаат во врвен фудбал. Ние сме лидери, но Струга игра феноменално во последно време. Веќе ги совладавме еднаш оваа сезона, но тие влегоа во одличен ритам и очекувам пеколно тежок меч. Ова е дуел на екипите кои покажаа најмногу и мора да дадеме 200% од себе за да го оправдаме епитетот дерби на колото,“ додаде брзоногиот офанзивец.

Математиката и традицијата му се насмевнуваат на тимот од Тетово. Шкендија не знае за пораз на последните 7 пресметки против Струга (3 победи, меѓу кои и онаа драматичната победа на пенали во Купот, по ремито 2:2, како и 4 нерешени средби).

Натпреварот Струга-Шкендија ќе се игра во сабота во 12:00 часот во Струга, каде правдата ќе ја дели судијата Стојанче Трпчевски.