Гаје: Максимално да ги користиме шансите што ги создаваме

Во рамките на 11-тото коло од Првата македонска фудбалска лига, Шкендија го пречекува стариот ривал Вардар во битка за престиж и нови три клучни бода.

Тетовци влегуваат во овој дуел со јасна тактичка замисла — повторување на рецептот од второто коло, кога во Скопје извојуваа убедлива победа од 2:0. По позитивниот резултат против Скопје, во таборот на Шкендија владее одлична атмосфера, а чуварот на нивната мрежа, Бабукар Гаје, јасно ги истакна амбициите пред денешната пресметка.

„Имам целосна доверба во сите во тимот, но тоа мора да го потврдиме таму каде што е најважно — на теренот. Не само на тренинзите, туку на секој натпревар и во секоја секунда! Мора максимално да ги користиме шансите што ги создаваме, бидејќи кога постигнуваш голови, фудбалот станува многу полесен. Моја примарна задача е да ја сочувам мрежата недопрена. Се надевам дека таа серија ќе започне уште денеска, бидејќи тоа ни недостигаше во последните недели. Владее одличен дух во екипата, го имаме оној внатрешен мотив кој е од пресудно значење и верувам дека ќе ги освоиме сите три бода“, порача Гаје.

Mладиот дефанзивец Анес Абдурахмани нема да биде во комбинација за овој дуел, додека Мевлан Мурати се става на располагање на стручниот штаб.
Ова ќе биде 51-та меѓусебна пресметка на овие два ривала. Во досегашниот биланс, Шкендија има 24 победи, 12 средби завршиле без победник, додека Вардар славеше на 14 натпревари.
Дербито меѓу Шкендија и Вардар се игра на стадионот во Гостивар со почеток од 14:00 часот, а главен судија на мечот ќе биде Стојанче Трпчевски.