Македонија до 15 години: Панама совладана со 4:1 на Мундијалот во Баку

Младата репрезентација на Македонија до 15 години со победа го започна настапот на Светското првенство во форматот 7+1 во Баку, Азербејџан. Во првиот натпревар на турнирот, избраниците на селекторот Горан Станковски славеа убедлива победа од 4:1 против селекцијата на Панама.

Македонските надежи имаа одличен старт, со четири постигнати погодоци и сигурно издание против врсниците од Панама.

Во листата на стрелци се запишаа Фисник Амити, кој постигна два гола, Доротеј Христов и Стефан Стојаноски, кои по еднаш ја затресоа мрежата на противникот.

Македонија на овој натпревар настапи со следниот почетен состав: Марио Стојковски, Јетмир Асани, Дин Рожајац, Стефан Арсов, Давор Таневски, Јоан Ѓорѓиевски, Доротеј Христов и Јован Јанчевски.

Светското првенство во форматот 7+1 е дел од проектот на ФИФА за развој на младинскиот фудбал и обезбедување меѓународно натпреварувачко искуство. Натпреварите се играат со седум играчи во поле и голман, во времетраење од 40 минути, со две полувремиња од по 20 минути.

Македонија во групната фаза ја очекуваат уште натпревари против Чад, Кенија, Малта и Нигер, со можност за пласман во елиминациската фаза.