Силекс извојува значајна победа против Струга ТЛ во натпревар одигран во тешки услови за игра на стадионот во Кратово, а човек на одлука беше Илија Донов, чиј гол се покажа како пресуден за конечниот исход.
Домаќините први навестија опасност кога по нафрлување на Тимовски, Богдановски се обиде со удар кој не беше доволно силен. Веќе во 4. минута, по изведен корнер, Мишов биеше со глава, но гостинскиот голман Василев беше на вистинското место и интервенираше. Во 12. минута повторно се закани Џеков со удар со глава, но чуварот на мрежата на стружани реагираше уште посигурно.
Струга ТЛ постепено го презема ритамот и возврати во 21. минута преку Пап Фал, чиј обид од дваесетина метри не зададе посериозни проблеми за голманот Џеков. Набрзо потоа својот удар од 18 метри го испроба и Алији, но Џеков повторно беше сигурен. Само пет минути подоцна, по брз противнапад, Агама шутираше од шеснаесетникот, но Љупчо Џеков уште еднаш покажа сигурност и ја сочува својата мрежа. Во 39. минута се закани и Буњамин Шабани, но неговиот удар заврши директно во рацете на голманот на кратовци.
Вториот дел донесе уште поголема динамика. Во 48. минута Агама повторно се најде во добра позиција во противничкиот шеснаесетник, но домашната одбрана во последен миг го блокираше неговиот удар.
Клучниот момент на средбата се случи во 56. минута. Илија Донов ја затресе противничката мрежа, а иако првично беше кренато знаменцето за офсајд, по консултација со ВАР-системот погодокот беше признат како регуларен, со што Силекс дојде до водство.
По примениот гол, Струга ТЛ се обиде брзо да одговори, па Арбин Воша се закани од околу 20 метри, но топката мина крај дирекот. Во завршницата гостите тргнаа на сè или ништо во обид да стигнат до израмнување, но кратовци дисциплинирано се бранеа и ја чуваа предноста, чекајќи шанси преку брзи контранапади.
Во следната рунда, Силекс го очекува гостување во Штип против Брегалница, додека Струга ТЛ својот следен предизвик ќе го има на домашен терен против Тиквеш.





