Стружани веруваат дека можат да го освојат Кратово

Струга Трим Лум е во одлична серија и сака да ја сочува и зацврсти лидерската позиција со нов успех, на тешкото гостување во Кратово. Стружани го респектираат Силекс како домаќин, но ќе сторат сѐ за да освојат три бода и на овој дуел.

Интернационалецот од Сенегал, Папе Фал, верува дека Струга Трим Лум може да стигне до триумф.

„Верувам во нашиот тим, бидејќи се наоѓаме во добар период и мислам дека сите во екипата чувствуваат дека можеме да успееме. Треба да го слушаме тренерот, да го правиме она што најдобро го знаеме и да веруваме во себе. Противникот е силен, но ако останеме фокусирани и играме како тим, верувам дека на крајот можеме да победиме“, изјави Папе Фал.

На последното гостување во Кратово, тимот на Струга Трим Лум славеше со 1-3.

„Како што веќе нагласив, секогаш имам верба во екипата и во нашиот тренер. Ако го дадеме најдоброто од себе, како што го правевме во текот на целата оваа полусезона, верувам дека можеме да го повториме резултатот од последниот натпревар во Кратово“, потенцира одличниот дефанзивец.

Натпреварот меѓу Силекс и Струга Трим Лум се игра од 12 часот на стадионот во Кратово, а ќе го суди Бењамин Керими.