Гостувањето на лидерот во Кратово е дополнителен мотив за Силекс

По нерешениот резултат против Шкендија на „гостински“ терен на Националната Арена во Скопје, Силекс е подготвен да се соочи со уште еден кандидат за титулата во оваа сезона во Првата македонска фудбалска Лига. Гостувањето на лидерот Струга ТЛ во Кратово е дополнителен мотив за избраниците на Александар Васоски да дојдат до добар резултат.

Од таборот на кратовскиот тим велат дека лидерската позиција на Струга ТЛ е дополнителен мотив да пружи добра партија и на крајот да се дојде до добар резултат.

„Во Кратово ни доаѓа лидерот на табелата, екипата на Струга. Ќе биде тежок натпревар за нас, но ќе настојуваме на наш терен да дојдеме до победа. Се надевам дека ќе ја прекинеме оваа низа на три меча без победа, и дека овој пат ќе дојдеме до трите бода, кои ќе ни бидат важни да фатиме приклучок кон првите четири тима на табелата. Верувам во нашиот тим дека имаме квалитет да дојдеме до добар резултат против секого, и ќе настојуваме да ги исполниме задачите од стручниот штаб, на крајот да се радуваме на триумф“, изјави фудбалерот на Силекс, Дарко Анѓелески.