Македонската фудбалска репрезентација го доживеа шестиот пораз во Лигата на нации, откако на домашен терен загуби од Словенија со 0-3 Даниел Штурм во 29. и во 90.минута ец во 67.минута беа стрелци на головите за противникот.
Словенците ја презедоа иницијативата од почетокот и првата сериозна закана ја упатија во 16. минута. Даниел Штурм се проби по левата страна и испрати топка во шеснаесетникот, а Младеновски, обидувајќи се да интервенира, ја погоди гредата од македонскиот гол.
Македонија имаше одговор преку Енис Барди, кој во 24. минута се обиде од слободен удар од голема далечина, но Јан Облак ја прочита намерата. На спротивната страна, Жан Випотник се закани со удар од 15 метри, но Столе Димитриевски спречи промена на резултатот.
Сепак, во 29. минута гостите ја реализираа својата шанса. По брз противнапад, топката стигна до Штурм, кој го пронајде патот до мрежата и донесе предност за Словенија.
До паузата Македонија не успеа да создаде посериозна можност за израмнување. Најдобрата ситуација ја имаше во 33. минута, кога Дарко Чурлинов му подготви шанса на Елиф Елмас, но нашиот репрезентативец не успеа да реагира навреме.
Седлоски се обиде да ја промени сликата на натпреварот со три измени на полувремето. Во игра влегоа Малески, Омерагиќ и Дориев, по што Македонија заигра поофанзивно.
Токму Дориев беше меѓу најактивните во почетните минути од второто полувреме. Во 50. минута упати удар од 16 метри, при што Облак не ја задржа топката, но таа заврши во корнер. Две минути подоцна повторно се закани, но словенечкиот голман добро ја затвори својата мрежа. Во 60. минута шанса имаше и Барди, чиј удар од работ на шеснаесетникот не го изненади Облак.


Кога Македонија се обидуваше да стигне до израмнување, Словенија зададе нов удар. По корнер од десната страна во 67. минута, Давид Зец беше најснаодлив во шеснаесетникот и со вториот погодок ги разреши дилемите околу победникот.
Штурм имаше можност и за втор личен погодок во 74. минута, но не беше прецизен. Сепак, се поправи во 90.минута, кога го постави конечниот епилог, 0-3 во корист на Словенците.
Последното место во групата значи дека Македонија во март ќе мора да игра бараж за опстанок во Б-дивизијата на Лигата на нации.
МАКЕДОНИЈА – СЛОВЕНИЈА 0-3 (0-1)
Национална Арена „Тодор Проески“. Судија: Сердар Гозибујук (Холандија). Стрелци: Штурм 29′, 90′, Зец 67′ (Словенија). Ж. картони: Алиоски (Македонија), Черин, Карничник, Вербич (Словенија).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Илиевски (46′ Дориев), Младеновски, Муслиу, Алиоски, Гаштаров, Елези (46′ Омерагиќ), Елмас, Барди (86′ Атанасов), Чурлинов (46′ Малески), Растодер (72′ М. Ѓорѓиевски).
Селектор: Гоце Седлоски
СЛОВЕНИЈА: Облак, Дркушиќ (86′ Обрич), Зец, Залетел, Јанжа (46′ Кузмиќ), Карничник, Черин, Ловриќ (62′ Забуковник), Штурм, Матко (74′ Вербич), Випотник (74′ Шпорар).
Селектор: Боштјан Цесар





