Струга Трим Лум сака да се одржи на врвот на табелата, а планот е да стигне до три бода на денешното гостување во Штип и дуелот со Брегалница.
Фудбалерот Ландрит Рама верува дека неговиот тим е подготвен да одговори на предизвикот и да ја продолжи победничката серија.
„Мислам дека паузата поради репрезентативните обврски ја искористивме на вистински начин за да ги поправиме и најмалите грешки. Сметам дека подготвени го очекуваме следниот натпревар. Знаеме дека нè очекува тежок дуел, но ние сме Струга Трим Лум и знаеме како да се справиме и со вакви предизвици. Победата е нашата главна цел и верувам дека на крајот ќе успееме да ја оствариме“, изјави Рама.
Тој потенцира дека екипата е во одлична физичка состојба и дека сите играчи се подготвени да го дадат максимумот.
„Физички сме во многу добра форма и сите сме подготвени да го дадеме најдоброто од себе, како и на секој натпревар. Токму таквиот пристап, со максимален ангажман од сите фудбалери, придонесе да бидеме на врвот на табелата. Веруваме дека таму ќе останеме и по гостувањето во Штип“, порача Рама.
Натпреварот меѓу Брегалница и Струга Трим Лум е закажан за 12 часот на Градскиот стадион во Штип, а ќе го суди Доне Ристовски.





