Вардар и Тиквеш ја делат третата и четвртата позиција на табелата со по 24 бода, а нивните дуели во последно време нудат возбуда и голем интерес. Ништо поинаку не се очекува да биде и на денешната пресметка на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.
Ова особено и по последниот куп-натпревар, кој Вардар го доби со службен резултат 3-0, поради административни грешки на кавадаречкиот клуб со медицинскиот документ на фудбалерот Окере Висдом.
Вардарци се подготвени да ги освојат трите бода, порачува крилниот напаѓач Едиз Спахиу.
„Се враќаме на Арената „Тодор Проески“ и тоа ќе биде дополнителен импулс за нас. Работевме добро во изминатите две седмици, ја искористивме пауза да се подготвиме на најдобар можен начин и одиме на трите бода против Тиквеш. Вардар секогаш оди на победа, ништо поинаку не е и во пресрет на овој дуел. Последните натпревари со Тиквеш се навистина квалитетни и возбудливи и очекувам слично да биде и денеска, а бодовите да останат во Скопје“, изјави Спахиу.
Натпреварот меѓу Вардар и Тиквеш е закажан за 13 часот на Националната Арена „Тодор Проески“, а ќе го суди Фатмир Бафто.





