Фудбалерите на Скопје однесоа голема победа од 2-1 на гостувањето кај Башкими во Куманово, во драматичен натпревар полн со возбудувања во второто полувреме и ВАР-драма во самиот финиш.
По мирното прво полувреме, гостите поведоа веќе во првата посериозна акција во вториот дел. Во 58. минута Цветков одлично асистираше од средината на теренот во шеснаесетникот, каде Виктор Ангелов го совлада домашниот голман Бесијан Алиу за водство од 0-1.

Само две минути подоцна, скопјани изведоа молскавичен контранапад, а повторно на вистинското место се најде Виктор Ангелов, кој по асистенцијата на Гордиќ по вторпат ја затресе мрежата на Башкими и зголеми на 0-2.
Домаќините веднаш тргнаа на сè или ништо. Во 63. минута се закани Фаузи со удар од 16 метри, но голманот Наумовски беше сигурен и ја исфрли топката во корнер. Притисокот на кумановци продолжи – во 75. минута Сумер Хасан биеше со глава од шест метри над голот, а две минути подоцна обидот со глава на Лимани го скроти одличниот Наумовски. Во 82. минута Мајмона одлично проигра во шеснаесетникот, но Сонка од изгледна позиција шутираше покрај стативата. На спротивната страна, Антонио Божиновски имаше шанса да стави точка на натпреварот со трет гол за гостите, но биеше над голот на Алиу.

Неизвесноста се врати во 85. минута, кога по изведен корнер и асистенција на Саити, Теодор Мирчевски со глава погоди за 1-2. Три минути подоцна експлодираа трибините во Куманово откако Фатих Исмаили ја затресе мрежата за израмнување, но радоста на домаќините траеше кратко – по реакција на ВАР-системот голот беше поништен, па бодовите заминаа за Скопје.
Во следното коло Башкими го очекува гостување кај Вардар, додека Скопје на домашен терен ќе се соочи со Шкендија од Арачиново.





