Фудбалерите на Шкендија од Арачиново денес го пречекуваат составот на Брегалница од Штип, со јасна цел – конечно да ја прекинат негативната серија на домашен терен и да ги впишат сите три бода.
Арачиновци сезонава играат со две лица: додека на гостувањата се сигурни и ефикасни, пред својата публика мака мачат да стигнат до цел плен. Во последните четири кола тимот запиша две гостински победи, но на домашен терен освои само еден бод – по ремито со Тиквеш (1-1), во минатата рунда следуваше пораз од Башкими.
Капитенот Бесир Демири смета дека клучот за триумфот лежи во максималната пожртвуваност на теренот.
„Пред нас е исклучително важен натпревар за понатамошниот тек на првенството. Свесни сме дека ваквите средби се добиваат со голема борба на зелениот терен и ќе го дадеме максимумот за да освоиме нови три бода“, порача Демири.
Традицијата од досегашните меѓусебни пресметки најавува израмнета битка – двата тима имаат по една победа и едно реми. Сепак, психолошката предност е на страната на домаќините, кои на последниот меѓусебен дуел, одигран на 4 септември во Штип, славеа со минимални 1-0.
Натпреварот меѓу Шкендија Арачиново и Брегалница се игра денес на стадионот во Чаир, со почеток во 12:00 часот, а правдата ќе ја дели главниот судија Стојанче Трпчевски.





