Гроздановски: После првата победа, сакаме во ист стил да продолжиме и против Башкими

Фудбалерите на Скопје во минатото коло стигнаа до првата победа во Првата лига, па сега осоколени од успехот сакаат да продолжат во ист стил и на денешното гостување во Куманово и дуелот со Башкими. Со евентуален позитивен резултат, избраниците на Иван Варадиновски ќе испратат порака дека апсолутно немаат намера да се предадат во битката за опстанок во елитата.

Фудбалерот за врска Томче Гроздановски се враќа во некогашната препознатлива форма, одигра одлично против Арсими, а се надева дека тимот ќе продолжи во иста насока и на денешниот меч.

„Се чувствуваат позитивни вибрации, стигнавме до три бода против Арсими и сега би сакале да продолжиме во ист стил и на денешниот натпревар со Башкими. Знаеме дека не е лесно да се слави во Куманово, но веруваме во нашиот квалитет кој мислам дека конечно доаѓа до израз“, изјави Томче Гроздановски.

Натпреварот меѓу Башкими и Скопје е закажан за 13 часот на стадионот на Башкими во Куманово, а ќе го суди Александар Грујоски.