Кавадарчани со фуриозно второ полувреме и три гола за само 12 минути стигнаа до заслужена победа од 3-1 против Башкими.
Натпреварот во Кавадарци започна со целосна иницијатива на домашниот тим. Тиквеш ја презеде контролата од првата минута и создадоа неколку сериозни шанси пред противничкиот гол.
Лавал прв ја испроба среќата со силен удар од 17 метри, но голманот Алиу беше на височина на задачата. Набрзо потоа, Ацковски се обиде од дистанца, но Алиу повторно интервенираше сигурно. Притисокот на кавадарчани продолжи, а Окере ја погоди и стативата по уште една одлична одбрана на чуварот на мрежата на гостите.
Гостите за првпат се заканија во 17. минута. По една грешка на домашниот голман Стевковски, Никел Ор упати моќен удар од десеттина метри, но топката заврши право во рацете на домашниот чувар на мрежата.
По паузата, Тиквеш ја круниса својата надмоќ на теренот со три брзи погодоци. Во првата сериозна акција во продолжението, Сила го отвори резултатот и донесе ерупција од трибините. Само пет минути подоцна, Лавал од 17 метри за малку беше непрецизен.
Во 60 минута, притисокот вроди со плод кога Сила со мајсторски и прецизен удар од 17 метри го постигна својот втор гол на мечот.
Во 63. Минута веќе беше 3-0. Расположениот Сила сега е во улога на асистент, а Фал од непосредна близина рутински ја смести топката во небранетиот агол за убедливи 3-0.
Лавал пропушти уште една прилика од 17 метри да ја зголеми предноста на 4-0, додека гостинскиот напаѓач Мајмона беше блокиран во последен момент при еден опасен противнапад на Башкими.
Упорноста на гостите донесе резултат во 87. минута: Саити одлично асистираше во шеснаесетникот, а Лимани вешто се ослободи од одбраната и од домашниот голман за 3-1.
Во последната минута од регуларниот дел (90′), Лавал ја имаше последната голема шанса за четвртиот гол за кавадарчани, но неговите два последователни обиди од казнениот простор беа блокирани.





