Арсими и Брегалница одиграа спектакуларен и возбудлив натпревар во Гостивар, а на крајот гостите од Штип славеа со 4:3.
Првата сериозна можност за домашниот тим се случи уште во 4. минута, кога Алити се обиде со опасен удар, но голманот Филевски беше на висина на задачата и ја спаси својата мрежа.
Во 21. минута, капитенот Албин Рамадани шутираше од далечина. Гостинскиот голман го одби ударот, но топката стигна до Лорик Каба Јакупи, кој од непосредна близина погоди за водство на Арсими од 1:0.
Сепак, радоста на домашните траеше кратко. Во 25. минута, по брза акција на Брегалница, Коцев ја затресе мрежата за израмнување на 1:1.
Гостите продолжија со офанзивната игра, а во 39. минута по напад од левата страна, одбраната на Арсими задоцни со реакцијата. Глигоров се најде на вистинското место и без проблеми реализираше за пресврт и водство на Брегалница од 2:1.

Само што започна второто полувреме, штипскиот состав продолжи во ист ритам. Во 49. минута, Велковски биеше со глава и го постигна третиот гол за својата екипа, зголемувајќи на 3:1. И во оваа ситуација домашната одбрана реагираше лошо.
Арсими не се предаде. Во 59. минута, по неколку последователни обиди, Мисими центрираше од левата страна, а Шпанецот Гони со удар со глава намали на 3:2.
Само пет минути подоцна, во 64. минута, капитенот Албин Рамадани упати удар кој повеќе наликуваше на нафрлување, но топката го смени правецот и заврши во мрежата за израмнување на 3:3.

Арсими беше блиску до целосен пресврт во 70. минута, кога Гаје ја зафати топката во шеснаесетникот, но еден од гостинските дефанзивци интервенираше во последен момент и расчисти пред самата гол-линија.
Кога веќе се очекуваше натпреварот да заврши без победник и домашните да освојат бод по големото враќање од негатива од два гола, следуваше шок во судиското продолжение. Во 93. минута, по изведен корнер, Натаниел Оское ское најдобро се снајде во шеснаесетникот и со удар со глава ја испрати топката во мрежата за конечни 4:3 во корист на Брегалница.
Ова е прва гостинска победа за штипскиот состав во тековниот шампионат, триумф што носи големо олеснување и дополнителна самодоверба за продолжението од сезоната.
На спротивната страна, Арсими останува со големо разочарување. Иако успеа да се врати од негативата од 1:3, поразот во последните секунди дополнително ја продлабочува резултатската криза во која се наоѓа тимот. Брегалница, пак, си заминува од Гостивар со драгоцени три бода и победа која може да биде пресвртница во нивната сезона.





