Денеска на Арената Тодор Проески во Скопје со почеток од 16:00 часот, Вардар ќе го пречека Тиквеш во дуел што е дел од 29. коло од домашното првенство.
Лидерот на табелата има бод предност пред второлпласираната Шкендија, која што пак токму минатата недела во Кавадарци го совлада Тиквеш со 1:4. Тоа треба да е опомена, но и мотив за кавадарчани денеска да бидат на Арената на далеку повисоко ниво, и да одиграат подобро против објективниот фаворит.
„Ние пролетва покажавме дека можеме да се носиме со речиси сите и да играме квалитетен фудбал. Може и нам да ни се случи слаб ден, па ете така може да го окарактеризираме дуелот против Шкендија. Денеска пак сметам дека во Скопје доаѓаме да се надигруваме со квалитетен противник. Вардар и Арената секогаш се мотивација за секого па така и за нас. Очекувам квалитетен натпревар, да ги искористиме нашите шанси и да не му дозволиме на противникот да се разигра. Да се вратиме на победничките патеки и резултати кои што и не доведоа до оваа ситуација на мирен финиш на овогодинешниот шампионат“ – изјави Кристијан Ацковски.
Тиквеш во моментов е петти на табелата со 40 бодови. На последните мечеви имаше далеку повеќе успех на гости кога одигра 2:2 во Куманово против Башкими, и кога освои големи три бода против Струга Трим Лум со конечни 1:2.





